Моментално празен: 0ден
Постојат многу совети како да си обезбедите мирен, спокоен живот, односно вашето урбано живеење да биде хармонично, па и долговечно. Оние чија цел е токму „нормалниот дијалог” помеѓу себе си и средината и околината во интимните, работните и секакви други односи, што ги воспоставуваме и/или ги негуваме секојдневно, не чекаат совети од други, туку воспоставиле самоодбранбен „систем” кој постојано го доградуваат и надградуваат.
Па сепак, постојат „општи” и „специјални” (стручни) начини, методи, постапки кои е добро да се научат доколку не се знаат, да се запомнат и да се практикуваат.
Еве мал избор на најважните:
1. Еден од најголемите извори на стрес е недостигот од време. Сепак, 10 минути секогаш можете да пронајдете. Обидете се толку да резервирате за- медитација! Имено, таа на најбрз начин може да ве доведе до повисоко ниво на разбирање и тогаш стресот нема големо значење поради мирот што сте го постигнале.
Техниките на медитација го претвораат стресот во сила.
Друг важен начин на ослободување од стрес се животните. Малку што може така да ни го подигне расположението по исцрпувачкиот ден како воодушевениот поздрав на домашното милениче. Животните позитивно дејствуваат врз менталното здравје, ги лечат осаменоста и стресот, а со своето однесување не учат како да ја посматраме и слушаме околината. Иако иритантното лаење на кучето или деструктивното гребење на мачката може да создаде напнатост во домот, со дресура исчезнуваат маните, а остануваат позитивните психолошки ефекти;
2. Не е лесно да се остане мирен во зовриениот сообраќаен шпиц, без оглед на тоа дали сте возач или совозач. Обидете се времето во колоната да го искористите за вежбање на трпението и разбирањето за други. Дишете полека и длабоко и следете го својод здив. Ако успеете да останете опуштени во таков метеж, има малку стресни ситуации кои нема да можете да ги надминете;
3. Ослободете се од стресот така што негативните емоции ќе ги исфрлите од телото пишувајќи. Земете молив в раце (компјутер или лаптоп доколку сте надвор односно во движење) и запишете ги мислите и дилемите што ве мачат;
4. Променете го начинот на кој ги доживувате лошите вести што доаѓаат до вас. Немојте да се криете од фактите. Апатијата и незаинтересираноста можат да предизвикаат еднакви штети колку и стресот и депресијата. Наместо да кренете раце од се, искористете ја веста за да пронајдете дел од решението на одреден проблем. Пронајдете вистински начин да се вклучите и да им помогнете на оние што патат;
5. Кога сме под стрес одиме цврсто, удирајќи при секој чекор. Замислете дека одите по лотосов цвет, нежно и меко. На тој начин ќе се исклучите од светот и за миг ќе се најдете на некое помирно и попријатно место;
6. Наместо да извршувате неколку задачи истовремено, во одредено време посветете се на една работа или на едно лице. Кога ќе го совладате лелеењето на духот и ќе го насочите вниманието, полесно ќе го контролирате стресот;
7. Со оргазмот се постигнува ослободување на ексцесивна биоенергија, со додатно емоционално „ослободување”, како и неизбежните негативни последици од блокирање на сексуалната енергија. Нежностите кои партнерите ги разменуваат пред, за време и по односот, како и блискиот контакт, допирот на кожата, потпомагаат за одржување на повишеното ниво на окситоцин и релаксирачкиот ефект на физичката љубов. Опуштањето е последица на сексуалниот однос со кој сосема се елиминира нивото на секојдневниот стрес. Но, благотворно дејствува само во единство со позитивни емотивни состојби. Да се сака е антистресно. Уживање и релаксација во исто време. Особено ако дишете заедно;
8. Голем број на жени успешно се носат со хормоналните промени предизвикани од менструалниот циклус, додека не се случи некоја вознемирувачка стресна ситуација која ќе ја поремети нивната чувствителна рамнотежа. Многу жени бараат медицинска и психолошка помош поради тегоби предизвикани од PMS. Кога на некое време стресот во нивниот живот ќе се намали, помошта престанува да им биде потребна. Стресот може да ги влоши валунгите во менопаузата и да го отежне додатното хормонално лачење. Промената на животните навики, како што е воведувањето на телесна активност или посветувањето повеќе време исклучиво на себе си, може да го намали стресот и сите негови последици;
9. Стресот е биолошка реакција на ситуација во која притисокот станува толку силен што нашето тело со него повеќе не може да се носи. Важно е да ги препознаете знаците за да дејствувате пред стресот да ви се оттргне од контрола. Многумина луѓе под стрес, кој е најмногу резултат на превработеност, добиваат екцеми и лишаи. Решението е во исхраната. Јадете редовно зашто стресот влијае врз нивото на шеќерот во крвта. Три оброци на ден, од кои секој ќе се состои од најмалку 40% протеини, како и незасладени меѓуоброци, ќе го одржат нивото на шеќерот стабилно, а вас ќе ве наполнат со енергија;
10. Музиката ги намалува стресот и депресијата, а ги поттикнува релаксацијата и сонот. Брзите ритми го будат умот, го прават повнимателен и побрз. Бавната музика смирува и го опушта мозокот. Исто така, таа го поттикнува нервниот систем да ги забави дишењето и бројот на отчукувањата на срцето. Класичната музика има многу предности поради хармоничниот спој на повеќе инструменти и поради тоа што не ги иритира ушните мембрани. Помага при варењето зашто го намалува нивото на хормонот на стрес, а неопходните состојки од храната подобро се апсорбираат. Не заборавајте мозокот да го стимулирате со кој било вид на музика;
11. Поставете ги љубовта и пријателството на прво место. Договарајте средби и состаноци како што договарате термин кај лекар: со одговорност и почитување. Блискоста со драгите лица може да ја подобри работата на срцето, да го поттикне излачувањето на хормонот окситоцин, клучниот за зближување и чувство на доверба. Неговото дејство го намалува стравот и помага во спречување на здравствени тегоби предизвикани од осаменост;
12. Еден од најбрзите и најефикасни начини на отстранување на напнатоста е правилното дишење. Техниките како пранајама е препорачливо да се изведуваат два пати на ден. Мошне се делотворни зашто брзо и позитивно влијаат врз нервниот систем, го намалуваат срцевиот притисок и ја подобруваат циркулацијата. Одредени техники на дишење можат да помогнат во намалувањето на стресот.
Дишењето е една од основните телесни функции која може свесно да се контролира. Свесното длабоко дишење со ширење на абдоменот, на пример, може да го забави пулсот. Телото добива повеќе кислород, што умот го доведува во побистра состојба. По стресна ситуација се препорачува длабоко да вдишете и да го продолжите бавното и изедначено дишење. Со секое вдишување чувствувате дека стомакот се движи и како се опуштаат стомачните мускули.
Испробајте пранајама! Затворете ја десната ноздра со десниот палец, па длабоко и бавно дишете на левата, со пауза од неколку секунди помеѓу вдишувањето и издишувањето. Повторете десетина пати, па преминете на другата ноздра.
Издвојте некое време за молчење. Обрнете внимание на внатрешниот живот и развијте верба во интуицијата.
13. Запомнете од три до пет изреки или мантри кои ќе ве вратат во живот кога работите ќе тргнат во лоша насока. На пример: „Јас тоа го можам” или „Тоа што нема да ме уништи, ќе ме направи посилен/посилна”. Или замислете некоја убава слика која ќе ви послужи како прибежиште во моментите на стрест: поглед од најубавото место на плажа, патека во шума по која радо шетате или нешто друго, вам посебно драго;
14. Тешко е да бидете благодарни ако сте под стрес. Издвојте пет минути дневно за да им се заблагодарите на сите животни дарови. Почнете со вдишување и издишување, изворот на се што е живот;
15. Направете попис на настаните кои во текот на денот ве развеселиле и на оние кои ви одзеле енергија. Така полесно ќе согледате по кој пат треба да продолжите;
16. Не оптоварувајте се со големи промени, почнете со мали нешта. Променете го, на пример, она што го јадете за појадок. И тоа може да биде почетен чекор на патот кој ќе ве води до животот за кој копнеете.
Овие совети ќе ви помогнат да го надминете стресот и напнатоста, но ако и ова не ви помогне, приклучете се на нашите Хелти групи и вежбајте хата јога со нас, дојдете на онлајн програмите за личен развој и бидете дел од големата заедница на луѓе кои се љубители на здравиот начин на живот и јогата.
Љубов и светлина
Биби Пешева