Моментално празен: 0ден
Блог
Свесност, Спонтаност и Интимност: Патот до Автономијата според Трансакциска Анализа

Што е Трансакциска анализа?
Трансакциска анализа, или популарно ТА, e теорија на личноста, моќен психијатриски модел и модел за комуникација. Создадена во шеесеттите години на минатиот век од страна на д-р Ерик Берн, ТА се заснова на вербата дека секој човек има вредност, капацитет да размислува и моќ да ја менува својата животен пат.
Берн започнал како психоаналитичар, но поради ограничувањата на тогашната практика, го развил својот пристап кој набргу станал оделен терапевтски правец. Трансакциската анализа добила светска популарност со неговата книга „Која игра ја играш?“ – дело кое денес е класика, а термините како „психолошка игра“, „внатрешно дете“, „животно сценарио“ и „јас сум ОК, ти си ОК“ влегоа во говорот и комуникацијата како лесно разбриливи за секого.
ТА е оптимистичка, хуманистичка и многу практична психотерасписка практика која се базира на три основни принципи:
-
Во основа, сите луѓе се ОК
- Сите луѓе имаат капацитети да размислуваат (освен лицата со тешки мозочни оштетувања)
- Секој донесува одлука за сопствената судбина (главно од третата до шестата година), но таа одлука може да ја промени
Трансакциската анализа денес е призната од Европската асоцијација за психотерапија (ЕАП) и е основа за психотерапија, советување, едукација и организациски развој ширум светот.
Целта на Трансакциската анализа: Пат кон Автономија
Во својата основа, ТА ни помага да се движиме кон автономија – состојба на лична слобода каде што нашите избори и постапки се автентични, свесни и во согласност со нашето вистинско јас.
Берн ја опишува автономијата преку три клучни компоненти:
-
Свесност
-
Спонтаност
-
Капацитет за интимност
Свесност: Да бидеме присутни тука и сега
Свесноста е способност да ја видиме реалноста онаква каква што е, ослободени од филтрите на нашето минато. Кога сме свесни, функционираме од нашата Возрасна его-состојба — ја гледаме ситуацијата со отворени очи и правиме избори засновани на сегашноста, а не на старите навики или стравови.
Во мојата работа со клиенти, често гледам како развивањето свесност носи вистински пресвртници — односите стануваат почисти, реакциите посоодветни, а животот добива повеќе леснотија.
Спонтаност: Слободата да бидеме вистински свои
Спонтаноста е животната енергија што се ослободува кога сме поврзани со себе. Тоа е чувството на радост и задоволство што го доживуваме кога сме автентични, кога ја изразуваме сопствената уникатност без страв.
Работејќи со индивидуални сесии, медитации и емотивно исцелување, гледам како спонтаноста повторно се буди во луѓето — како тивка радост што станува нов двигател на животот.
Капацитет за интимност: Длабока човечка поврзаност
Интимноста, во контекст на ТА, не е само за романтичните или сексуалните односи. Таа е способност за отворена, искрена комуникација без маски, игри или манипулации. Интимноста е она чувство на безбедна поврзаност, каде што сме прифатени и прифаќаме без услови.
Токму преку практиките на семејни констелации и ослободување од стари емотивни врски, помагам на клиентите да го зацврстат својот капацитет за интимност и автентични односи.
Вашето патување кон себе започнува сега
Драги мои, верувам дека секој човек има во себе нераскинлива искра што го води кон слобода, љубов и исполнетост. Ако чувствувате дека е време да ја разбудите свесноста, да ја ослободите спонтаноста и да создадете подлабоки врски во вашиот живот — со радост сум тука за вас.
Работам индивидуални и групни сесии по договор, семејни констелации, медитации за ослободување од нездрави врски според методот на психологот Филис Кристал, како и емоционално и ментално исцелување на тага и потиснати емоции. Имам поминато повеќе од 500 работни часа едукација во трансакциска анализа во земјата и странство , како и едукација од други психолошки правци. И иако не сум дипломиран психолог, имам теоретско и практично искуство за работа со клиенти токму од област трансакциска анализа.
Вашиот живот може да биде пополн со свесност, автентичност и длабока поврзаност. И тоа патување може да започне денес. Пишете ми и закажете термин.
Љубов и светлина,
Билјана Пешева
автор на книгата „Водич за ослободување од тага“, тренер, велнес коуч и личен водич на многу индивидуални патувања кон себеспознавање, личен раст и емоционално ослободување. Мојата работа, која вклучува индивидуални сесии, семејни констелации, водење на медитации според методите на Филис Кристал и емоционално ментално исцелување, еден од моделите кој секогаш ме водел и инспирирал е токму Трансакциската анализа.