Моментално празен: 0ден
Блог
Патот на ослободување од емоциите: Впечатоци од промоцијата на книгата „Водич за ослободување од тага“ во Битола

На 25 април 2025 година, во топлата атмосфера на Младинскиот Културен Центар – Битола, со огромна радост ја одржавме промоцијата на мојата книга
„Водич за ослободување од тага – Холистички алатки за враќање на животната хармонија“.
Над 50 жени се собраа заедно со нас да го отворат срцето и да влезат во темата која сите нè допира – емоциите што ги носиме во себе, понекогаш свесно, понекогаш тивко и сокриено.
Настанот беше збогатен со панел-дискусија на која учествував јас, како авторка на книгата, заедно со мојата почитувана колешка Оливера Вељковиќ – јога инструктор со три децении искуство, наставник и истражувач на длабочините на човековата природа.
Ослободување од потиснати емоции – зошто е толку важно?
Луиза Хеј вели:
“Ако не сме подготвени да ги ослободиме емоциите, тие ќе се населат во нашето тело и ќе почнат да зборуваат преку болка.“
Потиснатите емоции не исчезнуваат. Тие се складираат длабоко во нашите ткива, мускули и клетки. Со текот на времето, тие создаваат внатрешен притисок кој може да се манифестира како стрес, анксиозност, замор, тага, па дури и како хронични здравствени состојби.
На нашата панел дискусија зборувавме отворено за тоа како телото и душата бараат простор за ослободување. Кога му даваме глас на она што сме го потиснале, кога му даваме дозвола да биде видено и прифатено, започнува процесот на вистинско исцелување.
Книгата „Водич за ослободување од тага“ – Прирачник за нов почеток
Оваа книга не е само за оние кои минуваат низ загуба или длабока тага.
„Водич за ослободување од тага“ е создаденa како поддршка за секој кој сака да се врати кон себе, да ги ослободи тежините што не му служат повеќе и да создаде повеќе простор во себе за радост, мир и љубов.
Во книгата споделувам практични алатки:
-
медитативни процеси,
-
вежби за телесна свесност,
-
енергетски техники,
-
рефлективни прашања,
-
и лични увидувања за патот на исцелување.
Книгата нуди чекори кои може да ги примените сами, со почитување на сопственото темпо, во вашето безбедно внатрешно пространство.
Благодарност од срце
Овој настан беше за мене повеќе од промоција на книга – беше споделување на патот што лично го поминав и што сè уште го поминувам.
Битола, градот на моето детство, уште еднаш ми покажа дека топлината, љубовта и искреноста се чувствуваат најдлабоко токму кога ги споделуваме заедно.
Благодарна сум на секоја жена што беше таму, што слушна, што сподели, што се осмели да погледне во себе со љубов и храброст.
Патот на ослободување започнува со еден мал чекор – со дозвола да почувствуваме.
И секој чекор води кон повеќе живот, повеќе љубов, повеќе нас.
Љубов и светлина
Билјана Пешева