Моментално празен: 0ден
Блог
Дали среќата е единствена цел што навистина Ве мотивира?

Среќен животот Vs Значаен живот
Кога размислувате за себе што повеќе би сакале: да сте среќни или да имате живот полн со смисла и значење?
Се разбира дека можете да ги имате и двете, но повеќето од нас несвесно го избираат, среќен живот кој значи многу удобства, исполнување на желбите и живот во кој се ни оди како “подмачкано”. Ајде размислете дали новогодишните резолуции (кои се актуелни пред почетокот на секоја нова година), ви беа насочени кон среќен живот или кон живот кој ќе ви донесе смисла и значење за вас и/или и за вашата фамилија.
Искрено една од најпопуларните новогодишни резолуциии што ја слушам од учесниците на моите курсеви е “да уживам во живот ” или “да бидам среќен”. Луѓето најчесто на врвот на своите одлуки ја стават среќата (покрај здравјето) како најважна категорија. Секојдневно во медиумите се промовира концептот на среќа и уживање, преку рекламите (особено тоа е зајакнато околу Нова Година), потоа во сите книги и мотивациски говори кои промовираат позитивна психологија и ви нудат клуч кон тајната на среќата.
До дали среќата е единствена цел што Ве мотивира?
Постои разлика меѓу водење на среќен живот и живот полн со смисла и верувале или не, достигнувањето на среќата е многу повеќе поврзано со второво. На пример дали знаете дека за ова размислувале и грчите филозофи, кои пред илјадници години ги препознале овие две лица на среќата. Првото го опишале како хедонизам (hedonia) старо-грчки збор кој означува состојба на лично задоволство и среќа, и вториот е еудаимонизам (eudaimonia) кој е најблику дефиниран како лична благосостојба или со други зборови постигнување на значаен живот преку само-актуелизација и внатрешно исполнување но во еден поширок контекс од личниот.
Денешниот човек најчесто кон водење на среќен живот гледа преку задоволување на личните задоволства проткаено со доста уживања. Сепак живот полн со смисла и значај содржи многу поголема вредност и среќа. Да живееш значаен живот најчесто значи да придонесеш за некој или нешто кое е надвор од себе и сопствените задоволства и граници. На пример мајката која се има откажано од својата професионална кариера и амбиција за добробит на своето дете кога е мало или можеби е хендикепирано, води живот полн со смисла и значајност. Човекот кој после своето работно време го работи тоа што го сака и работи 18 саати на ден, а при тоа можеби се откажува од многу работи, за себе води живот полн со смисла и значајност. Потоа жената која несебично волонтира и дирекно учествува во хуманитарни акции помагајќи на старите и напуштените, или пак на кучиња на улица, сигурно ја има најдено смисла во својот живот !
Но, бидејќи значењето и смислата на животот е најчесто поврзано соочување со своите недостатоци, излегување од зоната на конфор и/или инвестирање во нешто поголемо, овој начин на живеење е поврзан со стрес, напор или борба, па обичните (мало)граѓаните (кои се во пораст во последно време) велат ..Ах, тој не е среќен! “Леле кутрата таа се мачи”, или уште полошо “Нема што да прави со себе…”и уште што ли не !
Се разбира, можеш да имаш среќа и смисла во животот. Овде само посочувам дека кога сме само среќни влегуваме во зоната на личен конфор, и од таму не ни се излегува лесно! Всушност ако си среќен цело време стануваме мрзливи, стануваме без контакт со себе и околината или пак со општествената ситуација и сиромаштија околу нас. Денес дефинитивно живееме во свет пол со изобилие, забави, безгрижа и секој сака тоа да го има.
Но, што значи живеење живот со значај или смисла?
Луѓето велат дека нивните животи се значајни, тогаш кога чувствуваат дека имаат цел, насока и дополнителна вредност за која живеат. Тие се :
– Насочени кон некоја цел која е дирекно мотивирана и поврзана со себе
– Способни да ги разберат и прифатат животните ситуации и да ги насочат кон својата сеопфатна цел или мотив
– Грижливи за себе и другите, бидејќи веруваат дека сопствениот живот има цел и е значаен за себе и човештвото.
На пример, обидете се месец дена без престан да правите нешто што ќе ве прави среќен, еве на пример да водите љубов со најубавата личност за вас. Колку време ќе бидете среќен/среќна и патем ќе издржите? Или обидете се еден месец да го правите истото со личноста која ја сакате но секој ден дополнително да превземете по една активност која што ќе ви даде дополнителна вредност на животот, на пример јавете се на некој пријател на кој му се лутите, простете му некој кој ви згрешил, помогнете му на некое дете да научи некоја задача, посети некој сиромашен и помогни му ако не материјално можеш со разговор, или пак кога последен пат сте му прозбориле на непознат човек без да очекувате ништо за возрат и така натаму).
Што мислиш како подобро ќе се чувствуваш и како подолго ќе останеш среќен и исполнет ?
Ако го правите само она што ви дава задоволство умот ќе почне да бара повеќе и повеќе барајќи нештоповеќе и поразлично. Но ако ја насочите својата среќа и активност кон нешто што ќе ви донесе поголема вредност во животот, чувство на среќа е далеку поавтенично и ќе трае подолго време па тие личности кои така живеат најчесто велат дека се, се повеќе и повеќе “збогатени”, “инспирирани” и ” чувствуваат дека се дел од нешто поголемо од себе”.
На долгорочен план способноста да ја најдеш смислата на својот живот е навистина вистинска среќа!
Па така немој да трагате само по среќа, трагајте и по својата цел и по својот смисол на животот. Нурнете во себе и откријте што има во вас. Што сте закопале под вашите обврски, нервози и страдања. И наместо да одберете проект, хоби или врска кои ќе ве направат среќни, фокусирајте се на оние работи кои го прават вашиот живот поважен, повреден и посреќен. Ако остварите среќа и задоволство, одлично! Но, ако тоа не се случи, исто така е добро, во човечката природа е да постојано бара среќа, па ќе го достигнете тоа покасно, но внатрешно ќе знаете дека сега и овде вашиот живот е важен и вреден за себе и за другите, и дека токму вие придонесувате кон подобрување на некоја состојба, ситуација или пак општеството во кое живеете. И токму тоа става автентична насмевка на вашето лице !
*Текстот е авторски труд и забрането е да се копира и реобјавува, цел или во делови, без дозвола од страна на авторот и оваа страна.