Моментално празен: 0ден
Блог
Љубовта кон себе започнува со прифаќање на своите емоции

Ниту еден човек не може да постои без емоции. Ако ги нема, тој нема да може да донесе никакви одлуки, ниту да се вклучи во нешто. Ќе биде како растение кое се храни и јаде. Да имаш желба да ти биде подобро, да заработиш пари, да избегаш од опасност, сето тоа е нормално и во својата природа емотивно. На пример мојата желба да ги споделувам своите лични искуства и да работам на само-развојот со луѓето, исто така, доаѓа од емоции.
Но, за жал, за многу луѓе, својот живот го поистоветуваат со тоа колку емоционално се внеле во нешто или пак доживеале стрес. Тие имаат постојана желба да се изложуваат на моќни емотивни искуства, на пример: да викаат, да плачат, да се расправаат, да брзаат… И ако не успеат да го задоволат својот емоционален глад, животот им изгледа досаден и здодевен. Знам како е , и јас бев едно време во филм на брзање и динамика и ако за миг се смирев мислев дека сум остарена, досадна и невидлива. Сега пак сум брза 😊 тоа ми е карактерна особина, но знам да се успорам, повлечам и така да бидам среќна сама со себе.
Емоциите ни се некогаш како дрога.
На пример треба да јадеме, бидејќи имаме физичка потреба за тоа – стомакот е празен, но гладот не треба да се претвори во незаситност. Ако е така тогаш нај вероватно задоволуваме некоја друга незаситена емоционална потреба.
Ако некое лице се навикне, постојано да бара силни емоции, тогаш водата што тече по каналот (метафорички кажано) постепено ги еродира краевите на каналот, тој станува поширок и се повеќе се излива водата од коритото. Ова во превод значи “Kолку повеќе се навикнуваш на емотивни силни и моќни искуства, толку повеќе почнуваш да имаш потреба да ги доживуваш, повторно и повторно.” Во овој случај потребата да “чувствуваш” емоции е „надуена“ и нереална.
Како и да е, во нашата култура улогата на силните чувства е преценета. Многу луѓе мислат дека треба постојано да доживуваат интензивни искуства за да чуствуваш нешто , најчесто со зборовите „па ти мора да чувствуваш нешто“.
Искрено, не се сложувам дека целиот наш живот треба да се сведе само на силни чувства и само преку нив вреди да се живее. Чувствата се привремени, тоа е само некаква хемија во мозокот, тие минуваат без да остават ништо зад себе, и ако постојано очекувате силни шокови од животот, со текот на времето станувате нивни роб и им го посветувате целото ваше постоење!
Нo исто така не ве охрабрувам да се претворите во нечувствителни роботи. Ако имате вклучено емоции ќе знаете кога и како да престанете и го ограничите нивното негативно влијание врз вас и вашиот живот.
Дали е можно да се ослободите само од негативните емоции?
Исто така воопшто не верувам дека еден човек треба да доживее негативни емоции за да знае дека е жив и да ги осети позитивните емоции. Но, искрено мислам дека е невозможно да немаме негативни емоции, бидејќи преку нив низ животот учиме и се трансформираме. Некои велат дека ако имаш позитивни емоции задолжително имаш и имаш и негативни. Но дали тоа значи и обратно, ако страдаме помалку тогаш ќе се радуваме – помалку?
Во младоста бев многу емотивна личност и амплитудата на моите сетилни вибрации се движеше од длабок очај и депресија до еуфорија и ентузијазам! Но кога почнав да практикувам редовно јога и да работам на себе во групи за личен раст и развој, ситуацијата ми се стабилизира. Почнав да ги доживувам многу помалку негативните емоции. Но, не би кажала дека станав помалку среќна, напротив, расположението лесно ми се подигнуваше во секој момент. Се разбира, денес јас сум многу далеку до онаа личност која што бев во младоста. Мојата емоционална страна последните години е многу често исполнета со чувство на тивка радост,спокој и среќа.
Значи не негирам дека имам амплитуди на моето расположение и емоции, искрено моите деца знаат баш да ме донесат до високо горе и ниско доле… но кога сум сама со себе, можам да кажам дека сум стабилна и позитивна со себе и животот околу мене.
Наместо да ви филозофирам, ви го кажувам моето лично искуство.
Потиснувањето на емоциите особено чувствата на тага, вина и срам ги води луѓето до депресивна реакција. Тагата, вината и срамот најчесто принудуваат да личните вредности ги замените со его вредности, верувајки дека така ќе ви биде полесно. Но на тој начин вие ја вложувате својата сила во остварување на сон, кој не е предодреден да се оствари, бидејќи се заснова на илузија.
Илузијата лежи во фактот дека состојбата на една личност и степенот на неговото задоволство зависи од реакцијата на другите, од материјалните добра или од “грешките” кои вашите родители ви ги направиле.
Да се прифатиш себе си, своите емоции и да се одобриш себе си таков каков што си дава огромна внатрешна слобода, задоволство, мир и спокој со себе и со светот околу себе.
Да се прифатиш себе си и своите позитивни и негативни емоции е форма на најголемата безусловна Љубов кон себе.
А Љубовта е една од основните емоции која на сите ни треба. Од раѓање до смрт.
Љубов и светлина,
Билјана Пешева
тренер, јога инструктор, велнес коуч и автор.
за авторот: Билјана е основач на брендот Healthy Life Skills & Healthy Yoga каде држи семинари, ретрити, активни одмори, обуки и часови за намалување на стресот и напнатоста кај модерниот човек употребувајќи сеопфатен (холистички) пристап во работата со индивидуалците и групите.