Моментално празен: 0ден
Блог
Љубовта и духовноста: Петте фази на љубовта според древните списи

Во древната индиска традиција, љубовта не се гледа само како романтична зљубеност или страст, туку како длабок процес на лична и духовна трансформација. Во Ведите се вели дека некогаш постоело супер-битие кое се викало ‘Пуруша‘, кое било целосно, едно со себе и без желба да било што прави, бидејќи универзумот бил совршен. Тогаш Бог Брама го разделил Пуруша на два дела, па небото се одвоило од земјата, светлината од темнината, животот од смртта, а машкото од женското. И од тогаш, секоја половина од едното, започнала да ја бара својата друга половина, за да повторно стане цело – и токму таа потрага ја нарекуваме љубов.
Но денес, љубовта често пати се сведува на романтика или физичка привлечност. Имаме апликации за запознавање, реклами кои ја користат љубовта како маркетинг алатка и филмови кои ни создаваат идеализирани претстави за љубовните врски. Но, мудреците од древна Индија велат дека тоа не е вистинската љубов, туку само моментална возбуда која може да исчезне во секој момент.
Нивните истражувања на љубовта довеле до тоа да идентификуваат пет фази на љубовна еволуција:
Првата фаза на љубовта започнува со физичката привлечност. Кама значи ‘жед за сетилни уживања’. Во хиндуистичката традиција, сексот не се поврзува со срам, туку се смета за природен и позитивен дел од човечкото постоење. Камасутра, на пример, не е само книга за сексуални пози, туку зборува за филозофијата на љубовта и нејзините значења. Древните мудреци велеле дека сензуалната љубов може да биде цел, но не и единствениот пат кон исполнетост.
Само сексот не е доволен за целосно љубовно искуство. Ако љубовниот однос е без емоционална поврзаност, тогаш останува празен. Шрингара е фазата во која романтичната привлечност се развива преку емотивна интимност, споделување тајни, меѓусебна грижа и мали гестови на љубов. Ова е фазата што ја симболизира љубовната приказна на Радха и Кришна, полна со игри, музика, поезија и страст. Но, мудреците велат дека само наоѓањето на ‘сродна душа’ не е доволно за длабока љубов, туку само почеток на нешто поголемо.
Современите апликации за запознавање велат: ‘Не чекајте ја љубовта, земете ја во свои раце сега’. Но, може ли еден клик или допир на екранот навистина да ни помогне да го пронајдеме она што го бараме? Мудреците велат дека љубовта не е само во големите романтични гестови, туку и во секојдневните мали дела – насмевка кон непознат човек, помош за некој во неволја или дарување на храна на гладните. Или како што вели Махатма Ганди: ‘Наједноставните дела на љубезност се многу помоќни од илјада молитви’. Маитри, или сочувствителност, е љубов која не е себична, туку е безусловна и широка, налик на мајчинската љубов кон децата.
Сочувствителноста не е крајната точка на љубовта, туку само премин кон нешто уште повозвишено. Мудреците од минатото го гледале врвот на љубовта како безусловна љубов кон целиот универзум – љубов која не е ограничена само на луѓето, туку се насочува кон секое живо битие и Бог како крајна дестинација. Оваа љубов се нарекува Бхакти. Во хиндуистичката традиција, бхакти-јога е патот на безусловната љубов кон божественото, љубов која не очекува ништо за возврат, туку едноставно постои.
На крајот, сè се враќа кон изворот. Љубовта која ја даваме кон другите, на крајот мора да ја најдеме и во нас самите. Атма Према значи љубов кон себеси. Како што рекол најпознатиот поет од Истокот Кабир: ‘Реката што тече во тебе е иста со таа што тече во мене’. Кога ќе разбереме дека сите сме дел од истото едно цело, тогаш љубовта станува безусловна. Или како што вели Руми:
„Јас, ти, тој, таа, ние – Во градината на љубовта, овие разлики не постојат.“