Моментално празен: 0ден
Блог
Патување кон исцелување: Петдневен предизвик за ментално и емотивно ослободување

Мене јануари и февруари ми се навистина интензивни месеци! 😊 Неодамна сфатив дека не стигнав да го споделам со вас искуството од петдневниот онлајн предизвик, кој го одржав од 27 до 31 јануари 2025 година, онлајн преку Zoom и YouTube. Овој настан, како за мене, така и за сите 1.000 учесници, беше вистинско доживување.
Инспирацијата за овој предизвик ја црпев од мудроста која лежи во будизмот, преку една прекрасна приказна од Упанишадите за Начикета и богот на смртта – Јама. Преку оваа приказна се поврзавме со моќта на животот, искреноста, храброста и процесот на ослободување од она што ни тежи.
Темите кои ги обработивме беа:
Ден 1: Свесна присутност – мајндфулнес
Свесната присутност ни помага да го доживееме животот целосно, без да останеме заробени во минатото или исплашени за иднината. Преку приказната за Начикета, младиот херој од Упанишадите, видовме дека ослободувањето од обвинувањата и омразата е клучот за безусловната љубов. Кога сме целосно присутни, го слушаме нашето срце и ја чувствуваме длабоката поврзаност со животот.
Ден 2: Простување – ослободување на срцето
Простувањето е процес на исцелување. Тоа не значи да заборавиме или да оправдаме некого кој не повредил, туку значи да го ослободиме нашето срце од тежината на минатото. Кога простуваме, ја враќаме сопствената сила и создаваме простор за љубов и мир. Начикета знаел дека само со ослободување од горчината може да продолжи напред.
Ден 3: Будење на внатрешниот оган – поврзување со нашата вистинска енергија
Внатрешниот оган е нашата најдлабока енергија, нашата животна искра. Буда ја опишува како капка намера која го обликува нашиот живот. Често нашите вистински желби се сокриени под слоеви на страв, сомнеж и навики. Кога сме свесни за нашата автентична енергија, можеме да носиме одлуки што ни носат вистинска радост и ни помагаат да ја следиме нашата автентична животна патека.
Ден 4: ЕФТ тапкање – техника за емоционално ослободување
Емоционалната слобода е клучна за исцелувањето. ЕФТ (Emotional Freedom Technique) или тапкање ни помага да ослободиме заробени емоции и трауми кои сме ги носеле со години. Оваа техника, која ја вежбавме заедно со сите учесници, овозможува да воспоставиме баланс и да го регулираме нашиот нервен систем, ослободувајќи ја напнатоста и поттикнувајќи длабоко чувство на мир.
Ден 5: Автоген тренинг – смирување на умот и телото
Автогениот тренинг е една од најмоќните техники за длабоко релаксирање и исцелување. Со користење на визуелизации и афирмации, научивме како да ја смириме тензијата во телото и да го доведеме умот во состојба на мир. Оваа техника е моќен сојузник во борбата против стресот и анксиозноста и ни помага да ја обновиме енергијата на нашето тело и ум.
Исцелување – Патот кон себе
Секој ден во овој долг јануари обработувавме по една тема. Освен тоа, имавме и наградна игра, споделување на искуства, знаења и вистински моменти на трансформација.
Овој предизвик беше само почеток и влез во 2025 година. Нашиот пат продолжува!
Искрено им се заблагодарувам на сите кои учествуваа, на сите кои споделија своја приказна за предизвикот, за мене или за темите кои ги работевме. Ова беше вистинско заедничко патување кон исцелување.
Петдневниот предизвик “Ментално и емотивно исцелување” е мој авторски креиран предизвик, кој од 2022 година го одржувам еднаш годишно.
Благодарам што бевте дел од ова патување со мене. Се гледаме повторно на некој следен предизвик!
Со љубов и светлина,
Билјана Пешева
тренер, јога инструктор, велнес коуч и автор.
за авторот: Билјана е основач на брендот Healthy Life Skills & Healthy Yoga каде држи семинари, ретрити, активни одмори, обуки и часови за намалување на стресот и напнатоста кај модерниот човек употребувајќи сеопфатен (холистички) пристап во работата со индивидуалците и групите. Пет неделниот курс “Јануарски спиритуални работилници” е нејзин авторски креиран курс кој од 2023 година секој Јануари се одржува.