logo

Откриј се себе си преку психолошкиот тест “КОЦКА”

Новогодишните цели се ветувања кои си ги задаваме самите на себе за да исполниме некои свои свесни или несвесни очекувања. Постои тренд деновиве, пред Нова Година, за пишување на личните цели или желби. Но, ако погледнете назад на своите цели, пишани или не, за оваа измината година, лесно може да видите, која цел сте ја “одминале” а која сте ја завршиле. Ако пак, сте ги запишувале  изминатите години вашите новогодишни цели, уште подобро и појасно ќе ја видите вашата природна тенденција или афинитет кон одредена област во животот, наспроти друга област во која можеби сте изгубиле моќ и сте се предале.

Човечката психа е невероватна и секогаш наоѓа свесен и несвесен начин да се саботира и да не го направи она што ја плаши и носи промена. Ние луѓето секогаш имаме свое оправдување за она што не сме го завршиле, нели?

Лично  сметам дека секоја личност која е на патот на себе-спознавање, сака да има чиста слика за тоа што сѐ влијаело врз нејзиното однесување, мислење или чувствување, при донесувањето на своите (новогодишни) цели, па затоа решив оваа година, да ви понудам различен и забавен  пристап кон себе, со цел да дојдете до коренот на вашите саботажи. Наместо моите медитации, курсеви за личен раст и развој, или вежби за физичко и ментално здравје, овој пат на едноставен и забавен начин ќе ја истражите својата личност, и ќе увидите што се “има” во вашата потсвест и не ви дава да ги остварите своите животни цели.

Па, така ве поканувам да ја видите својата страна на вистината, преку еден психолошки јапонски тест познат под името „Коцка“ напишан во едицијата на книги наречена “Кокологија” од Тадахико Нагао и Исаму Саито во 1998 година. Тестот се заснова на навидум “невини” прашања како што е на пример: боја на цвеќе или лет на птица; каде добивате одговори кои зборуваат за вас самите. Овој тест нуди уникатен пристап до вашето несвесно, за работи кои не ги знаете на свесно ниво.

Додека го работите психолошкиот тест Коцка,  имајте на ум дека е важно да се концентрирате на тоа како се чувствувате, наспроти на тоа што го мислите. Најдобро е додека поминувате низ вежбата да замислувате во својата глава а покасно да запишете. “Филмот” кој ќе го направите во вашата глава ја одразува сликата на вашето несвесно и тоа е она што треба да го следите. Обидете да бидете искрени кон себе, да сте отворени и спонтани, запомнете да употребувате интуиција и чувства наспроти мислење и анализа. Треба да ги гледате работите а не да ги толкувате додека трае вежбата.

Спремни?

Психолошки тест “Коцка ”

  1. Замислете отворена пустина/поле. Колку е голема оваа пустината? Со што е исполнета? Каква е околината? Што мислиш за пустината? Како се осеќаш во неа?
  2. Замислете сега една коцка. Колку е голема коцката? Од што е направена и каква е површината? Која боја е тоа? Каде е коцката (на пример, на земја, лебди итн.)? Дали е транспарентна, дали се гледа низ неа, што има? Што чувствуваш за коцката? Колку е одалечена од тебе? Колку е голема коцката во односна пустината?
  3. Замислите сега скала. Колку е долга оваа скала и каде се наоѓа во вашоиот простор? Колку е растојанието помеѓу скалата и коцката? Каква боја е ? Каква импресија имате додека ја гледат.
  4. Замислете Коњ. Каква боја е коњот? Што прави коњот и каде е во однос на вашата коцка? Какви чувства ви буди? Дали има седло?
  5. Замислете цвеќиња. Каде се цвеќињата во вашиот простор, колку има? Каде се наоѓа? Каде цвеќето во однос на коцката? Која е бојата на цвеќето. Колку е нежно. Како се чувствате во однос на цвеќето или како се чувства цвеќето во однос на Вас?
  6. Замислете какво е времето во вашата пустина или поле. Дали врне дожд? Сончево? Дали вашето поле е замаглено?
  7. Замислете бура. Колку е растојанието помеѓу бурата и коцката? Дали е голема бура? Дали само поминува? Дали нешто разрушува? Дали поминува покрај вас или останува ? Што чувствувате за бурата?

Пред да прејдете на толкувањето, повторно убаво видете ја во вашата глава целата сцена и сите елементи во неа. Можете дури и да запишете или нацртате.

Потоа кликете ОВДЕ и прочитајте го толкувањето

Билјана Пешева

Билјана е основач на брендот Healthy Life Skills & Healthy Yoga. Таа е сертифициран професионален тренер според законот во Република Северна Македонија, инструктор по јога и велнес тренер.

Layer 1