Моментално празен: 0ден
Блог
Илинден – ден кога ја кренавме главата… и уште ја креваме
Денес, кога го одбележуваме Илинден, срцето ми е исполнето со почит кон предците. Овој ден не е само “историски”– Илинден е потсетник дека нашиот народ -знаел да дигне глава. Да се исправи. Да каже: „Доста е.“ Да посегне по своето. Но, иако Крушевската Република траела само десетина дена, таа борба на некој начин ние Македонците се уште ја водиме. Денес, низ сите овие сто дваесет и кусур години, како народ сè уште се учиме како да ја кренеме главата. Лекцијата што не ја поминавме тогаш, да дигнеме глава, да се бориме за своето, и да победиме… за жал се уште не е усвоена. Испаѓа дека тоа што предците не го направиле, останува на нас идните поколенија да го довршиме. И од тоа нема бегање!
Кога размислувам за Илинден , преку концептот на Берт Хелингер – Семејни констелации за мене, на нас Македонците она што ни недостига е животната сила која вели: Имам право да бидам тука. Имам право да барам, да создадам, да менувам.
Последните 3 години учам многу од мојот учител Андреј Каримов од Русија за семејните констелации, за енергијата, за животот и смртта.
Од него ја слушнав една длабока вистина: Животот има свои витамини. Тие не ги купуваме во аптека – туку ги развиваме и градиме низ животот.
Тој вели:„Човекот не може да живее целосно ако ги нема своите животни витамини. Без нив, душата му се распаѓа.“
И кога ги слушнав тие зборови, сè ми стана јасно. Она што ни недостига нам, се овие четири витамини на животот, кои Андреј ме научи да ги негувам, да ги живеам, да ги пренесувам во мојата работа.
🧡 1. Базична агресија – како Крушевската искра
Сетете се на тие десет дена во Крушево. Тоа за нашите предци не беше само револуција – тоа беше нивен повик на душата. Тие луѓе рекоа: Имаме право да бидеме тука. Имаме право да живееме достоинствено. Тоа е токму таа базична агресија за која овде зборувам. Таа не е насилство – туку љубов кон животот, желба за свој простор, своја иднина.
Нашите предци во Крушево не чекале дозвола. Не се двоумеле дали вредат. Тие ја кренале главата – со сите стравови, со сите пречки што ги имале. Иако имале и срам, и сомнеж, и болка – желбата за живот била поголема.
И ние денес, кога чувствуваме дека нешто ни припаѓа – треба да си го кажеме истото: Имам право да блеснам. Имам право на живот. не ми треба дозвола за тоа.
💛 2. Интерес – копнежот што ги водел кон поголемата цел
Зошто мислиш нашите предци се собирале и формирале Република? Зошто рискувале сè? Бидејќи имале визија. Интерес. Љубопитност за иднина поинаква од сегашноста.
Интересот е тој што нè влече напред. Крушевската Република не била само против окупаторот – таа била обид да се создаде нов свет, нов систем, нов начин на живеење.
„Интересот е мостот меѓу сегашноста и иднината.“
И ние, како нашите предци, треба да научиме да откриваме нови улици, нови можности, нови патишта. Само така живееме полно.
💚 3. Контакт – душата на нашата традиција
Во Крушево луѓето не се бореле само за себе. Се бореле за една поголема цел којаги обединувала сите нив. Заедницата, семејството, за фамилиите и соседите. Контактот е она што ги поврзало – верата дека “ние заедно” постоиме, имаме свое место и смисла.
Во нашата традиција – во песната, ората, звуците на гајдата и тапанот, молитвите, семејните слави и прослави– секаде има контакт. Нашите баби не се прегрнувале со зборови, туку со гестови. Со допир, контакт, со поглед. Со скромна чорба ставена пред тебе кога ти е најтешко.
И денес, контактот на сите нас ни е потребен како леб. Погледни во некого и кажи: Те гледам. Имаш место тука. Вредиш.
Контактот ја регенерира душата. Низ играта, допирот и музиката, болката се ослободува без да нè скрши.
💙 4. Баланс – светото правило на живеењето
Нашите предци знаеле што значи губење. Знаеле што значи жртва. Но, знаеле и како да ја вратат рамнотежата – со благодарност, со почит, со враќање кон животот. Крушевската Република завршила, но не и духот што ја создаде. Тој дух продолжил да бара баланс во нови обиди, во идните – нови генерации.
Ние денес – кога некој нè повреди, кога нешто ќе ни се земе – можеме да кажеме: „Ти ми го зема – тоа, но јас од тебе ќе го земам искуството, и ќе го направам нешто со тоа, продолжувајќи понатаму.“
Балансот е да простиш, но и да научиш. Да изгубиш, но и да разбереш. Да си дозволиш да тргнеш понатаму без разлика на ударите од судбината.
И да, драги мои – сите овие „витамини“ се во нас. Треба да ги активираме, да ги земеме бидејќи тие се во нашите гени, во нашата традиција, во нашата историја.
Во Илинден, ние не само што се сеќаваме – ние се потсетуваме кои сме. Се врзуваме со коренот. Го славиме животот.
Им благодариме на предците – и им ветуваме:
Ќе ја кренеме главата. Ќе живееме со љубов. Ќе бидеме светлина.
Љубов и светлина
Билјана Пешева 🌸
П.С – Прочитај за новите настани и дојди придружи ми се
🌸Сабота- 16 Август ќе работам по методот на Андреј во Соње, семејни констелации со шамански пристап. Ако си во Скопје прочитај ОВДЕ и пиши ми.
💚Сабота 30 Август поврзано со празникот Богородица – 3 часовна работилница за поврзување и исцелување: Повик од Космичката Мајка и ,
🌊Од 21 до 28 септември заминуваме на Јога Одмор во Никити, Грција
———————–
за авторот: Билјана е основач на брендот Healthy Life Skills & Healthy Yoga каде држи семинари, ретрити, активни одмори, обуки и часови за намалување на стресот и напнатоста кај модерниот човек употребувајќи сеопфатен (холистички) пристап во работата со индивидуалците и организациите. Автор е на повеќе програми “Ментално и емотивно исцелување” “Ослободување од Тага” “Свесно здравје”, “Јануарски спритуални работилници” “Создади нова слика за себе”, “Свижи се со леснотија” и други. Таа е автор на книгата “Водич за ослободување од тага” -Холистички алатки за воспоставување на животна хармонија и до сега има органзирано 25 јога активни одмори кои може да ги погледнете ТУКА .

