logo

Дојранска јога среќа

По објавувањето на книгата за среќата, Далај Лама на едно интервју, бил запрашан: Kој бил најсреќниот момент во вашиот живот? Тој го погледнал новинарот и со голема насмевка му кажал: Mислам дека тоа е сега!

Сите ние си имаме некое свое различно поимање што ќе ни донесе среќа, што ќе не направи среќни, што ќе не спречи да бидеме среќни; а при тоа забораваме дека сме суштества од навика односно имаме свои навики, обрасци на размислување, начини на кои обрнуваме внимание на зборовите на другите луѓе, кои го одредува или условува нашето расположение.

Вистинската среќа е природен израз на нашето битие. Таа ја доживуваме кога сме отворени и присутни во сегашниот миг! Исто како Далај Лама.  Но тоа не значи да сме присутни во мигот како егоцентрична емоција, свртени кон себе и својот свет на мисли и толкувања; туку среќно ослободени од внатрешниот говор кој непречено тече во главата и не води кон повторување на старите навики и обрасци за размислување. Свесно присутни во сегашниот миг.

Кога ги организирам  ЈОГА активните одмори, секогаш го имам тоа на ум, исто така знам дека таму се среќаваат луѓе, кои не се сретнале никогаш порано, секој си доаѓа со своја причина, секој е во различна возраст или различна фаза во својот живот и верувајте ми да ги скопиш сите “коцки” и да тече се “подмачкано” некогаш и не е толку едноставно.  Но, јас уживам во ова што го работам, одлична сум во работа со групи и индивидуално со луѓе. Силно верувам дека преку  работата на себе и своето физичко, ментално и емотивно тело, сите ние ја подигаме свесноста за себе и својата среќа или ги зајакнуваме своите личните капацитети.  Уште посилно верувам дека најголемото духовно растење се прави во група а не индивидуално, каде што сите лични навики, обрасци на мислење или чувствување се зајакнуваат и кршат, и со моето скромно дваесет годишно искуство во работа со луѓе и групи, сум заклучила дека таму може да се видиме себе си, кои сме, што сме и како може да се подобриме.

За мене Дојран беше посебен, исто како и овој јога активен одмор. На прв поглед скромен и полу скриен, но кога вистински ќе погледнеш ќе забележиш дека насекаде извира живот: вода,  зеленило,  птици, луѓе, алги, плажи, лежалки, смеење, дружење, волшебни мириси на храна, смокви, рузмарин, цвеќиња, од што беше се убаво дури и комарците беа нечујни.   Јога вежбите во комбинација со техники на дишење и медитација ни помогнаа да го смириме умот. Вежбата био синхронизација на тимови ни помогна веднаш да се синхронизираме како група и мотивираме да изградиме меѓу себе здрави позитивни релации за што сум многу среќна.

Се на се ова беше среќен продолжен викенд за оние кои дојдоа и учествуваа на сите настани во бунгаловите и ресторанот Фук Так за што сум им посебно благодарна, бидејќи  дадоа се од себе да целосно уживаме, вежбаме и се храниме, на овој наш краток активен одмор.

До наредното јога дружење, бидете здрави и среќни.

Биби Пешева

 

Layer 1